Денес (28.11.2013) во Општина Кисела Вода се промовираше пилот – проектот за спречување на насилството во јавниот превоз и на автобуските постојки, кој е инициран, изработен и ќе се реализира од страна на ПСОН Кисела Вода на подрачјето на општините Кисела Вода и Сопиште, а е поддржан од Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија и ЈСП – Скопје.
На настанот се обрати градоначалникот на Општина Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ, која искажа задоволство што реализацијата на ваков важен превентивно-едукативен проект за спречување на насилството во градот, почнува токму од Општина Кисела Вода.
-“Сведоци сме дека насилството и девијантното поведение е сѐ поприсутно помеѓу нашите најмлади жители. Училиштата, спортските терени, автобусите и автобуските постојки се само дел од локациите на кои најчесто се случуваат насилствата. Наша обврска и одговорност е да создадеме безбедна средина за младите генерации” – порача градоначачлникот Беличанец – Алексиќ.
Таа се заблагодари на командниот кадар на полициската станица од општа надлежност Кисела Вода за одличната досегашна соработка во реализацијата на неколку едукативни проекти и предавања кои се реализираа во општиниските основни училишта, во насока на спречување на криминалот, девијантното однесување и насилството помеѓу младите и развивање на толеранцијата и меѓусебното разбирање.
-“Лично сметам дека превентивните активности се вистинскиот начин за справување со ваквите ситуации. Со реализацијата на вакви превентивни и едукативни проекти ние потврдуваме дека сме против секаков вид насилство, особено во нашите училишта, маала, паркови, во автобусите и на автобуските постојки” – заврши Беличанец – Алексиќ, потенцирајќи дека Општина Кисела Вода целосно ќе го поддржи и активно ќе партиципира во реализацијата на овој проект со цел неговата имплементација на локално ниво да биде што поуспешна.
Министерот за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска порача дека стратешка определба на македонската полиција е да биде реален и квалитетен сервис на граѓаните, односно целосно да се реализира визијата на концептот “community policing“.
-“МВР во своето превентивно дејствување секогаш се водело и од актуелните проблеми и состојби, но не го занемарувало и планското, континуирано секојдневно ангажирање на полициските служби. Затоа кога говориме за безбедноста на малолетниците, за превенцијата од насилство, дозволете ми да ве потсетам дека само во изминативе две-три години МВР самостојно или во соработка со други институции настапи со низа конкретни проекти од кои на пример би ги издвоила “Комуникација – да, насилство – не“, или пак проектот за безбедност во училиштата “Полицијата и учениците се дружат“ – изјави министерката Јанкуловска.
Таа информираше дека овој нов пилот проект кој што го реализира Одделението за превенција при СВР Скопје во тесна соработка со мисијата на ОБСЕ во РМ, но и со поддршка и соработка на локалните заедници, во оваа фаза ќе се фокусира на сите средношколци на подрачјето на општините Кисела Вода, Гази Баба и Ѓорче Петров.
-“Се разбира немам дилема дека тој ќе се рашири на целото подрачје на град Скопје и дека ќе биде уште еден од низата успешни проекти кој позитивно ќе влијае врз поведението на малолетната популација од аспект на нивна правилна едукација за последиците, како лични така и законски, од насилството како девијатно однесување. Во крајна линија тоа е нашиот единствен мотив и единствена цел” – заврши министерката Јанкуловска.
Проектот пред присутните го презентираше помошник-командирот на ПСОН Кисела Вода, Благојче Стојановски, кој информираше дека во првата фаза од имплементацијата на проектот ќе се постават постери на видни места (автобуски постојки и во автобусите) со испишани пораки против насилството, а во втората фаза преку организација на работилници и трибини со ученици, родители и наставници ќе се презентира проектот со детектирање на птичините за насилничко однесување, класификацијата на прекршоците и кривичните дела и санкциите кои произлегуваат од ваквите прекршоци.