Search
Close this search box.

Реакција на Општина Кисела Вода

Безидејноста, ароганцијата и паушалноста уште еднаш се потврди дека се основните карактеристики на СДСМ. Обвинувањата и квалификациите на ОО на  СДСМ – Кисела Вода дека “Општина Кисела Вода донела неразвоен и расипнички буџет” сами по себе се најдобра констатација за елементарното економско непознавање на процедурите и развојните планови и програми за работата на општината Кисела Вода.

Буџетот за 2014 година, кој беше донесен на денешната 11-та пленарна седница е одраз на домаќинско и транспарентно планирање на народните пари, за реализација на зацртаните програми за работа на градоначалникот на Кисела Вода, во дослух со граѓаните. Приходите во буџетот за 2014 година се очекува да бидат највисоки досега, а со средствата ќе се реализираат капиталните проекти за подобрување на комуналната и сообраќајната инфраструктура, подобрување на условите за одвивање на воспитно-образовниот процес во училиштата и градинките, подобрување на општите услови за живот на жителите на општината.

 

Впрочем, проекцијата на буџетот за 2014 година на општината Кисела Вода е најреалната проценка за општинскиот буџет досега и истата е само сублимат и појдовна точка за реализација на проектите и програмите за работа, кои патем беа изгласани на претходната седница на Советот. Тоа советниците на СДСМ или не умеат да го сфатат, или пак намерно се обидуваат да ја замајат јавноста со пласирање на невистини и манипулации.

Проектот за еднократна парична помош за семејствата со новороденчиња, проектот за реконструкција и адаптација на дел од ПОУ “Круме Кепески” во нас. Припор во простории за детска градинка, реконструкцијата на ПОУ “Кузман Јосифовски – Питу” во нас. Црниче, реконструкцијата на улицата “Иван Хаџи Николов 2” (поранешна “Ратко Митровиќ 2”) во Драчево, реконструкцијата на водоводот за населеното место “Три круши”, реализацијата на првата фаза од проектот за реконструкција на Домот на културата во село Драчево, реализацијата на проектите за енергетска ефикасност во училиштата, градинките, замената на уличните светилки со нови и поекономични, изработката на ДУП-овите во руралните средини се само мал дел од долгата низа проекти кои се предвидени да се реализираат во 2014 година.    

Очигледно, овие податоци влеваат страв во СДСМ и резултираат со вакви смешни соопштенија за медиумите.

Недостигот на идеи на советниците на СДСМ во Советот на Општина Кисела Вода не може да се надомести со деструктивни и неаргументирани соопштенија подготвени во кујната на ОО на СДСМ – Кисела Вода.

Таа лекција е веќе прочитана од граѓаните на Кисела Вода.

 

Споделете:

Scroll to Top