Search
Close this search box.

Час по историја со основците од “Кузман Јосифовски-Питу “по повод 9 Мај

Со заедничко присуство на часот по историја на осмоодделенците од ОУ “Кузман Јосифовски Питу” во населба Кисела Вода, градоначалникот на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец-Алексиќ, заедно со министерот за Образование и Наука, Спиро Ристовски, го одбележаа 9 Мај, кој во календарот на светски случувања е запишан како ден на победата над фашизмот и ден на европското обединување.

Потенцирајќи ја големината на денешниот ден, министерот Ристовски информираше дека денес, во сите основни и средни училишта ширум државата се одржува час на кој се дискутираат теми посветени на учеството на Македонија во антифашистичката борба и теми поврзани со создавањето на  најголемото европско семејство.

-На овој ден се одбележуваат две огромни победи, победата над фашизмот, најголемото зло што можеше да му се случи на човештвото и победата која е извојувана кога е создадено големото европско семејство, односно ЕУ-истакна министерот Ристовски, појаснувајќи дека изборот за посета на ОУ “Кузман Јосифовски –Питу” не е случаен.

-Oва училиште го носи името на еден од најголемите идеолошки творци на борбата за слобода и независност во Македонија во текот на втората Светска војна и еден од најголемите борци против фашизмот-изјави министерот Ристовски.

Честитајќи им го овој значаен ден на сите граѓани на Македонија, градоначалникот Беличанец-Алексиќ укажа на важноста на едуцираноста за историските текови во кои се наоѓа нашата земја.

-Сметаме дека познавањето на своето минато, на минатото на земјата која го избрала вистинскиот пат за време на Втората Светска Војна и која и денес, континуирано продолжува да ги прави вистинските избори и да се движи кон  целосно интегрирање во европските и евроатланските процеси,  не е само потреба туку неопходност за секој поединец . Одбележувањето на 9 Мај, значи почит кон историјата и трасирањето на европската перспектива на Република Македонија.

 

 Во рамки на посетата, покрај предавањето за овие два значајни настани од историјата, осмоодделенците од ова училиште во непосредна дискусија со министерот и градоначалникот, ги отворија прашањата за македонскиот училишен систем и следењето на европските текови кога е во прашање образованието. Министерот Ристовски потенцираше  дека  Македонија го следи чекорот со европските образовни институции наведувајќи дека македонските ученици на користење ги имаат најквалитетните учебници кои ги ги користат и учениците во Велика Британија кои, пак, имаат еден од најквалитетните образовни системи и дека сме една од ретките земји која на идните студенти им овозможува комплетно стипендирање за студирање на најквалитетните светски универзитети.

Градоначалникот Беличанец-Алексиќ, како една од европските мерки кои ги применуваме во нашиот училишен систем го наведе екстерното тестирање, кое деновиве е актуелно.

-Идејата за екстерното оценување е нешто кое е преземено од ЕУ кон која се стремиме и со која треба да си ги измериме силите-до каде сме стасани со образовниот процес и сето она што е пропуштено да биде надокнадено-истакна Беличанец-Алексиќ.

Заклучи дека македонските ученици не заостануваат зад своите европски соученици и дека ова е генерацијата што ќе го донесе вистинскиот развој на Македонија.

 

 

Споделете:

Scroll to Top