Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, заедно со премиерот проф. д-р Христијан Мицкоски и заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, денес извршија увид во целосно финализираните градежни активности на проектот за реконструкција на коритото на реката Мала Рада. Со реализацијата на овој обемен зафат, спроведен преку Владината програма за финансирање на капитални проекти, жителите на општината добија трајно инфраструктурно решение, зголемена заштита од поплави, како и нов уреден простор за рекреација.
Проектот опфати темелна рехабилитација на дното и бетонските профили на коритото, довршување на венецот на потпорните ѕидови, како и уредување на потегот во должина од 2.5 километри пред вливањето во реката Вардар. Дополнително, долж левата страна на реката е изградена нова пешачка патека, збогатена со нова урбана опрема, клупи и модерно осветлување.
Премиерот Христијан Мицкоски ја истакна важноста на овој проект за жителите на овој дел од Скопје и Кисела Вода:
-Би сакал да истакнам дека можеби ова речно корито и овој канал навидум делуваат скромно, но во суштина се од огромно значење за жителите од овој дел на Градот Скопје и Кисела Вода, бидејќи на овој начин се прифаќаат сите оние води коишто во услови кога можат да надојдат тие прават многу големи проблеми на домовите на жителите на ова населено место и тоа се случувало во минатото. Затоа со овој проект ние практично го решаваме тој проблем за да повеќе не ни се случува.
Премиерот упати честитки до градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска, до советниците и до општинската администрација за успешното менаџирање на активностите на терен. Тој најави дека соработката меѓу извршната власт и локалните самоуправи продолжува со засилено темпо преку реализација на голем број проекти низ целата држава.
-Најголемиот дел од тие проекти се во фаза на реализација, дел се веќе завршени, дел ќе отпочнуваат така што она коешто го започнавме кога бевме избрани како Влада еве продолжуваме да го реализираме и ценам дека на овој начин драматично го подобруваме квалитетот на живот на граѓаните-додаде премиерот.
– Денес со задоволство го финализираме овој исклучително важен проект за нашата општина, со што конечно ставаме крај на децениските проблеми со поплавувањето на домовите на нашите сограѓани. Реконструкцијата на коритото на реката Мала Рада, во должина од 2,5 километри, е капитален зафат реализиран во тесна соработка со Владата, со вкупна вредност од 57.800.000 денари. Ова не е само инфраструктурно решение за заштита од поплави, туку и нов, модерен простор за семејствата и младите од овој дел на Кисела Вода. Благодарност до премиерот Мицкоски и заменик-министерката Лашкоска за поддршката, бидејќи само преку ваква силна синергија помеѓу локалната и централната власт можеме да ја реализираме нашата визија за подобра и побезбедна општина за сите-изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.
Овој проект што денес го финализираме е уште една потврда дека инвестирањето во животната средина и во инфраструктурата се проекти од суштинско значење за иднината и за директно подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, конкретно на жителите на Општина Кисела Вода, односно на населбата Драчево.
Станува збор за инвестиција во вредност од околу 58.000.000 денари, реализирана во две фази и целосно финансирана со средства од Владата на Македонија, преку Министерството за животна средина и просторно планирање. Со овој зафат се изврши бетонирање на дното на речното корито и изградба на потпорни ѕидови, а просторот е дополнително уреден со ново улично осветлување и урбана опрема. На овој начин, просторот покрај реката станува модерно место за одмор, кое значително придонесува за урбанизацијата на оваа локација.
Сакам да потенцирам дека Министерството за животна средина и просторно планирање и Владата остануваат најсилни партнери на општините. Проектите што ги започнавме уште на почетокот на нашиот мандат сега се финализираат низ целата држава, што е доказ за нашата посветеност. Нашата цел е рамномерен развој на сите општини и подобрување на условите за живот секаде.
Затоа, со задоволство можам да најавам дека веќе следната недела ќе биде распишан јавен повик за изградба на нов проект – подобрување на водоснабдителниот систем за руралниот дел на населбата Каменик во Општина Кисела Вода. Вредноста на првата фаза од овој проект изнесува околу 41.000.000 денари, обезбедени од буџетот на Министерството за животна средина, додека втората фаза ќе биде обврска на општината-изјави заменик министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска.


















