Месната заедница „Црниче“е победник на годинешниот традиционален општински турнир во шах. Турнирот го организираше Одделението за спорт на Општина Кисела Вода, технички организатор беше Шаховскиот сојуз на Град Скопје, а на истиот учествуваа месните заедници кои гравитираат во општината Кисела Вода. Секоја екипа беше составена од четири шахисти, а се играше по швајцарски систем.
На шаховските рекреативци им се обрати и градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска, која меѓу другото го истакна шахот како одлична игра за рекреација бидејќи нуди совршен бaланс на ментална стимулација, опуштање и социјализација.
– Општината Кисела Вода е секогаш отворена за вас. Ги прифаќам вашите идеи овој турнир да прерасне во лига во која учество ќе земат сите 15 месни заедници од Општината. Барем еден ден во неделата ќе бидете гости во оваа општинска сала и низ дружење и социјализација, со партија шах ќе ги тргнете вашите мисли од секојдневните обврски – истакна градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.
Инаку, на турнирот со шампионска игра и 6 освоени бода триумфираа шахистите на „МЗ Црниче“, второпласирана екипа беше „МЗ Бирарија“ со 4,5 бода, додека третото место со по 4 бода го поделија месните заедници „Село Драчево“ и „Пржино“. Првите четири екипи добија дипломи за освоеното место, како и тренерки и маици со општинското лого.












