Градоначалникот на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец-Алексиќ, шефот на канцеларијата за меѓуармиска соработка при Амбасадата на САД, Мајор Џефри Ван Сикл и директорот на основното училиште “Кузман Шапкарев”, Весна Настоска, денес ја пресекоа лентата и го означија завршетокот на реновирањето на основното училиште “Кузман Шапкарев” во населба Драчево.
Меморандумот за соработка со УСАИД, општина Кисела Вода, преку Секторот за локален економски развој, го потпиша летово и со него беа создадени поквалитетни услови за одвивање на наставниот процес за сите 660 ученици.
-За обновата на објектот, УСАИД обезбеди 1 200 000 денари, а општината дополнително учествуваше со 10% од оваа сума. Со овие средства, дел од училишниот објект доби нова електрична инсталација и електро опрема. Интервенциите во електричната инсталација се изведуваа по проект, за кој финансиските средства ги обезбеди училиштето. Успешната соработка на овој проект, преку бројни работилници и други активности значи и чекор напред во унапредување на образовниот процес, од аспект на вреднување на неговиот мултикултурен и мултиетнички карактер-истакна градоначалник на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец-Алексиќ.
Упатувајќи голема и срдечна благодарност до мисијата на УСАИД и на Европската Команда на Американската Војска (ЕУКОМ) за несебичната поддршка која ја даваат во насока на создавање на поволна средина за одвивање на современ воспитно-образовен процес, таа подвлече дека се надева дека оваа успешна соработка ќе продолжи и понатаму.
Шефот на канцеларијата за меѓуармиска соработка при Амбасадата на САД, Мајор Џефри Ван Сикл истакна дека досега, преку овој Проект на УСАИД им е помогнато на 35 заедници во нивните напори да ги подобрат училишните објекти, а наредната година ќе им се помогне на уште 13 други.
-Впечатливо е она што можеме да го постигнеме кога работиме заедно. Всушност, мотото на Европската команда е “Заедно посилни”. Мислам дека ова мото е особено погодно кога го славиме реновирањето на вашето училиште и вашето учество во овој важен проект. Обезбедувањето на помош на народот на Република Македонија преку овие програми е еден од начините за јакнење на нашиот однос со вас, а заедничката работа има цел да ја поттикне меѓуетничката интеграција во вашата заедница но и низ целата земја. Ние сме посветени да им помагаме на граѓаните на Република Македонија и сме горди на долготрајно партнерство помеѓу Соединетите Американски Држави и Република Македонија. Вашето училиште сега има интегриран тим, обучен за концептите за меѓуетничка интеграција во образованието и вие сте воспоставиле партнерство со училиште со албански наставен јазик ООУ “Наим Фрашери” од Студеничани, со кое ќе споделувате многубројни заеднички активности, вклучувајќи ги учениците, наставниците и родителите -наведе Мајор Џефри Ван Сикл во своето излагање пред присутните.
Нагласувајќи ја повеќезначноста на придобивките од проектот, директорот на училиштето Весна Настоска истакна:
-Реновирањето е само еден стимул за ние да работиме континуирано кон создавање на добри можности за учениците од различна етничка припадност, да можат да комуницираат и со тоа да се создаде интегрирана околина.
Настанот беше заокружен со разгледување на реновираниот објект и презентацијата на сработеното од страна на учениците од двете училишта-и од ООУ “Кузман Шапкарев” од Драчево и од ООУ “Наим Фрашери” од Студеничани.
Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието е четиригодишна иницијатива , вредна 5.2 милиони долари, која соработува со сите релевантни образовни институции, поддржувајќи ги напорите на Владата на Република Македонија во процесот на етничко интегрирање.