Добрата практика на редовни средби со граѓаните со цел да се слушне во прво лице за нивните потреби и проблеми и на тој начин побрзо да се реагира во насока на нивно надминување, останува да биде на врвот на приоритетите во агендата на градоначалникот Билјана Беличанец-Алексиќ.
Во текот на вчерашниот ден, заедно со Претседателот на Советот на општина Кисела Вода Трајче Донев и тим од стручните служби од општината и јавните претпријатија на град Скопје, ги посети урбаните заедници Кисела Вода и Расадник. Жителите на овој дел на градот побараа и добија одговори на многу прашања од областа на комуналната инфраструктура, одржувањето на уличното осветлување, уредувањето на просторот…
Градоначалникот Беличанец-Алексиќ ги информираше и за планираните капитални проекти за овој дел од градот, реновирањето на ОУ Круме Кепески кое треба да отпочне на крајот од учебната година, за планираната реконструкција на фекалната канализација на ул.”Марко Орешковиќ”, за добрата динамика на одвивање на градежните активности на изградбата на новиот Дом на културата… Од страна на службите на градот Скопје, граѓаните беа информирани и за планот за пробивање на булеварот “Србија” и кружниот тек, активност што градот ја има во својата програма.
Посетата на месните и урбаните заедници во општината продолжува и во наредниот период. Денес, во 18 часот е закажана посета на УЗ 11 Октомври-бараки, а веднаш по неа, во 19 часот, во Голема сала на Општина Кисела Вода, средба со жителите на 11 Октомври-згради.