Премиерот Никола Груевски, заедно со градоначалникот на општина Кисела Вода Билјана Беличанец-Алексиќ денеска ги посетија населените места Припор, Усје, Пинтија и Драчево каде се сретнаа со жителите и ги ислушаа нивните потреби и барања, за чија реализација, како што рече Премиерот, ќе се преземат најитни мерки.
Жители на Припор ја истакнаа неопходноста од продолжување на автобуската линија „24“ при што е договорено, доколку има просторна можност, автобусите да почнат да сообраќаат со што ќе се продолжи автобуската линија и ќе им се излезе во пресрет на околу илјада жители.
Истовремено е договорено да се воведат и ноќни автобуски линии во петок и сабота како што бараа жителите.
Во однос на фекалната канализација, жителите беа информирани дека ДУП-от за едниот потег ќе биде готов до Нова година, а за вториот до јуни, со што општината ќе може да почне со реализација. Договорено е почетокот на реализација на овој проект да стартува до крајот на 2016-та или почетокот на 2017 година.
Во Усје, градоначалничката на општина Кисела Вода Билјана Беличанец – Алексиќ која го прдружуваше премиерот, информира дека по барање на жителите, општината има добиено средства од Владата за урбанистичка документација и по урбанизацијата ќе може да се реализираат неколку проекти поврзани со овој регион.
Жителите го прашаа премиерот дали може да се изгради петкилометарски регионален пат на потегот булевар „Борис Трајковски“ – Усје – Сопиште иако не е ветено на изборите, зашто тоа, како што рекоа, значително ќе придонесе за развој на целиот регион.
Груевски ги информира дека иако патот не е ветен, ќе се земе предвид и ќе се разгледаат можностите дали нешто може да се стори за ова барање.
Жителите на Усје побараа и подобрување на полските патишта при што е договорено министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски да ги разгледа можностите за решавање на ова барање, а беше договорено да се разгледаат и можностите за поинтензивно движење на приватните автобуски линии.
По Усје, премиерот Груевски ја посети Пинтија каде направи увид во изградбата на детската градинка во која се очекува да бидат згрижени околу 80 деца. За овој објект општината има инвестирано 19 милиони денари.
Според градоначалничката Беличанец – Алексиќ, во тек е изготвување проект за реконструкција и проширување на улицата од овој регион, а привршува и водоводот.
При посетата на Драчево премиерот Груевски ги информираше жителите за воведување дополнителна линија на автобусот со број 42 што беше барање на граѓаните. Ќе се разгледа, рече, и можноста за проширување на постојната постројка кај Клиничкиот центар. На средбата граѓаните беа информирани и дека следниот месец почнува и третата фаза од изградбата на булеварот „Борис Трајковски“ на потегот до Пинтија во должина од два километра.
Повозрасните жители од населените места изразија благодарност за зоглемувањето на пензиите, како и за мерката за бесплатно банско лекување.
Премиерот Никола Груевски беше придружуван и од министрите за здравство и за транспорт и врски, Никола Тодоров и Владо Мисајловски.
Претходно, по повод Светскиот ден на Белиот стап, беше пуштена во употреба нова зграда на Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Општина Кисела Вода, која ќе го подобри квалитетот на образованието на најранливата група деца во Македонија. Објектот во вредност од 363.000 долари финансиран од Европската команда на Армијата на САД, е изграден според високи стандарди за ученици со оштетен вид.
На свеченоста, на која присуствуваше и градоначалникот на Општина Кисела Вода Билјана Беличанец Алексиќ, се обратија премиерот Никола Груевски, министерот за образование и наука Абдилаким Адеми и амбасадорот на САД во Македонија Џес Бејли.