Процесот на интензивно решавање на предметите за легализација во Општина Кисела Вода продолжува. Со денешното доделување на 40 нови решенија за легализација, бројот на легализирани дивоградби се искачи на 1754. Од вкупно регистрираните 11.872 дивоградби за кои е поднесено барање за легализација во Општина Кисела Вода, 5100 предмети се во административна постапка, а 5.008 предмети се незапочнати, односно се со нецелосна документација (најчесто недостасува Геодетски елаборат). Градоначалникот Беличанец – Алексиќ ги информираше присутните за процесот и динамиката на решавањето на предметите за легализација во општината Кисела Вода.
-“ Општина Кисела Вода, односно Одделението за легализација на дивоградби, во насока на забрзување на темпото со кое се решаваат предметите за легализација во изминатиот период кадровски и технички се доекипираше и резултатите веќе се видливи. Тоа го потврдува и статистиката. Имено, во изминатите два месеца, откако ја воспоставивме оваа практика, доделивме преку 350 решенија за легализација, или во просек по 40-тина решенија за легализација на неделна основа”- изјави градоначалникот Беличанец – Алексиќ.
Таа повторно упати апел до граѓаните кои сеуште не ја комплетирале целосно потребната документација, тоа да го сторат што поскоро, како би можеле во најкраток можен рок да ги легализираат своите дивоградби, а процесот на легализација да заврши во законски утврдениот рок.
Истовремено, ги повика сите правни и физички лица на кои им е изготвена урбанистичката согласност, во најкраток можен рок да го платат надоместокот, за да може да се продолжи постапката за изготвување на Решенијата за легализација на објектите.