Search
Close this search box.

Училиштата од Кисела Вода добија нови спортски реквизити

Со кошаркарски натпревар помеѓу екипите на ОУ “Невена Георгиева – Дуња” и ОУ “Круме Кепески” започна новата сезона во училишниот спорт во Општина Кисела Вода. На отворањето на новата сезона присуствуваше и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ која додели благодарници на Агенцијата за млади и спорт, Кошаркарската федерација на Македонија, Фудбалската Федерација на Македонија и Одбојкарскиот клуб “Јанта Волеј”, а додели и диполоми на трите најуспешни училишта во минатогодишните игри во училишниот спорт.

“-Училишниот спорт во Општина Кисела Вода години наназад ја остварува својата значајна мисија – во негувањето на културата за здрав живот, во психофизичкиот развој на личноста, во неговата социјализација. А инвестирањето на локалната самоуправа во училишниот спорт дополнително придонесува кон развивање на спортскиот дух и градење на здрави навики кај нашите млади спортски таленти и надежи” – изјави Беличанец – Алексиќ.

Таа информираше дека општината Кисела Вода во изминатиот период ги реновираше спортските игралишта во училишните дворови, ги реновираше двете спортски сали “Независна Македонија” и “Архиепископ Доситеј”, а од 1-ви ноември во двете спортски сали ќе може да се спортува и во зимскиот период, бидејќи во тек се активности за поврзување на овие две сали за системот на топлификација.

Истовремено, заедно со директорот на Агенцијата за млади и спорт, Александар Пујовски додели спортски реквизити на сите 8 основни училишта кои егзистираат на територијата на општината.

-“Со денешнава донација на спортски реквизити за сите основни училишта на територијата на општината, ги исполнуваме и највисоките критериуми за успешно одвивање на училишниот спорт и оваа сезона. Ја користам приликава да се заблагодарам на Агенцијата за млади и спорт за оваа донација и за досегашната успешна соработка и искрено се надевам дека истата ќе продолжи и со изградба на нова спортска инфраструктура во нашата општина – заврши градоначалникот Беличанец – Алексиќ, потсетувајќи дека Општина Кисела Вода три години за ред, од Федерацијата на Училишен спорт е прогласена за општина која негува најмасовен и најдобро-организиран училишен спорт во државата.

Во училишниот спорт со свои екипи учествуваат сите 8 основни училишта, а од година во година Општина Кисела Вода го зголемува и бројот на спортови во училишниот спорт, раководејќи се од барањата и афинитетите на учениците. Инаку, годинава ќе се спортува во мал фудбал, кошарка, одбојка, шах, пинг-понг, карате, бадмингтон и атлетика.

Споделете:

Scroll to Top