Во насока на создавање на подобри услови за згрижување на децата од предучилишното воспитување, општината Кисела Вода продолжува со реконструктивни проекти во објектите на градинките. Деновиве, интензивно се изведуваат градежните работи за реконструкција и санација на покривната конструкција на градинката “8-ми Март” во населбата Пржино.
Имено, екипи на фирмата Ингрес, по налог на Општина Кисела Вода изведуваат реконструктивен зафат на покривот на оваа градинка, на површина од 1270 квадратни метри. Притоа, поради дотраеност се вади постоечката покривна конструкција од салонитни плочи и на нејзино место се поставува пластифициран лим и нова термо-изолација од камена волна. Истовремено, се поставуваат и нови хоризонтални и вертикални олуци.
Реконструкцијата на покривот се очекува да заврши до крајот на следната работна седмица, а општината за оваа намена од општинскиот буџет издвои 2.5 милиони денари.