По петти пат, градоначалникот на Општина Кисела Вода Билјана Беличанец – Алексиќ, денеска свечено додели ваучери на 58 семејства од општината кои имаат принова и притоа доставија комплетна документација за еднократна парича помош. Со ова доделување, вкупниот број на ваучери кои општината ги додели од почетокот на примената на оваа мерка, изнесува 217.
-“Ова говори дека нашата цел, полека но сигурно се исполнува. Тоа е да ги стимулираме семејствата сериозно да размислуваат и да се одлучат за зголемување на бројот на дечиња, но истовремено и да им помогнеме на овие семејствата со скромни средства кои сигурно им се и повеќе од потребни.” – порача градоначалникот Беличанец – Алексиќ.
Таа ги повика сите родители кои ги исполнуваат критериумите заедно со барањето да достават лична карта или друг документ за лична идентификација, извод од матична книга на родените за новороденчето, како и фотокопија од трансакциона сметка. Рокот за поднесување на барањата е 90 дена од моментот на раѓање на детето.
-“Искрено сметам дека ваквата мерка која едногласно ја донесовме заедно со Советот на Општина Кисела Вода е во вистинско време и потенцирам дека истата ќе се запази се до крајот на истекот на мојот мандат” – информираше градоначалникот Беличанец – Алексиќ.
Инаку, Советот на Општина Кисела Вода, на лична заложба и предлог на Градоначалникот, на 4-тата пленарна седница едногласно ја донесе одлуката за доделување на еднократна парична помош во износ од 6.000,00 денари на секое семејство од општината со принова, која започна да се применува од 20.06.2013 година.
-“Да ви се живи и здрави, големи да растат. Ви посакувам да се гордеете со нив, а покрај вас и ние како општина” – им порача градоначалникот Беличанец – Алексиќ и им честиташе на родителите.