Со симболично засадување на неколку дрвца во дворот на градинката “Пеперутка” во населбата Драчево, претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов со сопругата Маја Иванова, градоначалникот на Општина Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ, претставници на организацијата “Ден на дрвото – засади ја својата иднина” и најмалите жители на општината Кисела Вода, денеска и официјално ја започнаа есенската акција за пошумување.
Претседателот и првата дама ја проследија и еколошката приредба во изведба на дечињата од градинката “Пеперутка”, а на крајот добија и рачно изработени сувенири и еколошки пораки од дечињата.
Акцијата “Ден на дрвото” оваа година ќе се реализира под мотото “Засади здравје! Засади здрава иднина!” и ќе се одржи утре (27.11.2013), при што ќе се засадат 5 милиони садници. Според организаторите, идејата е да се поттикнат граѓаните што помасовно да излезат на пошумувањето, со што ќе се придонесе кон чиста и здрава околина.
Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ ја поздрави акцијата и порача дека и општината Кисела Вода активно ќе се вклучи во истата.
-“Ни претставува особена чест и задоволство што претседателот Ѓорге Иванов ја посети општината Кисела Вода и нашата градинка “Пеперутка” и токму од овде и официјално ја започнуваме големата есенска акција “Ден на дрвото”. Сакам да Ве информирам дека за општината Кисела Вода се обезбедени 4.000 садници, а сите граѓани можат да учествуваат во пошумувањето на локалитетот Мршевци, за што е обезбеден бесплатен автобуски превоз” – информираше Беличанец – Алексиќ.
Автобусите во Општина Кисела Вода ќе тргнуваат од два пункта и тоа 3 автобуси ќе тргнат од спортската сала Расадник и еден автобус од паркот кај поштата во нас. Драчево. Организираниот превоз на граѓаните од двата пункта ќе се одвива во две тури, а авотбусите ќе тргаат од 09:00 и 11:00 часот.