Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ и претседателот на Советот на општината, Трајче Донев денеска ја посетија јавната детска градинка “8-ми Март” во Пржино, на која во изминатиот период се изведуваа градежни работи за поставување на нов покрив.
“-Градинката “8-ми Март” во Пржино е изградена во 1979 година и оттогаш не се изведени некои поголеми реконструктивни зафати на оваа градинка. Општина Кисела Вода ја увиде оваа ситуација и веднаш се зафати за работа” – изјави градоначалникот Беличанец – Алексиќ.
Екипи на фирмата Ингрес, по налог на Општина Кисела Вода изведоа реконструктивен зафат на покривот на оваа градинка, на површина од околу 1270 квадратни метри. Притоа, поради дотраеност се извади постоечката покривна конструкција од салонитни плочи и на нејзино место се постави пластифициран лим и нова термо-изолација од камена волна. Истовремено, се поставија и нови хоризонтални и вертикални олуци. Општината за оваа намена од општинскиот буџет издвои 2.5 милиони денари.
Градоначалникот Беличанец – Алексиќ информираше дека иако рокот за реализација на овој проект во предизборната програма беше Декември 2013 година, работите се изведени и порано од очекуваното.
-“Тоа потврдува дека со ревносен ангажман, професионалност и многу залагање, резултатите можат да дојдат и предвреме, а се во интерес на нашите дечиња, зошто грижата за младите е инвестиција во нашата иднина” – потенцираше Беличанец – Алексиќ, потврдувајќи дека Општина Кисела Вода посветува големо внимание на условите за престој и учење на децата во градинките.
Благодарност за реализацијата на овој проект изрази и директорот на оваа детска градинка, Снежана Кливановска и изрази надеж дека општината и во иднина ќе продолжи со добрата соработка и успешните проекти за подобрување на условите во објектите на оваа градинка.