Општина Кисела Вода започна акција за реконструкција на тротоарите по сервисните улици на нејзината територија. Деновиве, по налог на општина Кисела Вода, екипи на фирмата “Пелагонија А.Д. Гостивар” која го доби тендерот за изградба и реконструкција на патеки, тротоари, скверови, паркинзи и улици од павер елементи, започнаа градежни работи за реконструкција на тротоарот на улицата “Димитрија Чуповски” во нас. Драчево. Се реконструираат тротоарите од левата страна на улицата во близина на зелениот пазар, на вкупна површина од 400 квадратни метри, за што општината издвои околу 730.000 денари.
Градежните работи ќе продолжат и во следниот период, со санација и реконструкција на оштетените тротоари, шахти и сливници пред сите објекти на основните училишта и детските градинки во општината.
Истовремено, акциите за чистење на јавните површини и сите микро локации (црни точки) каде се создаваат диви депонии, продолжува со иста динамика. Сезонските вработени со поддршка на Одделението за заштита на животната средина од општината, денеска започнаа акција за расчистување на една таква дива депонија на улицата “Локов” во населбата Кисела Вода.
Општина Кисела Вода апелира до граѓаните кои детектирале диви депонии на територијата на општината, веднаш да ги пријават до надлежните служби. Истовремено, ги охрабрува сите граѓани кои регистрирале одредено девијантно однесување и фрлање смет на јавна површина, без двоумење да ја информираат општинската инспекција, односно општинските комунални редари.