Search
Close this search box.

Градоначалникот Трајановски ја посети Општина Кисела Вода

Денеска (02.12.2013) во големата сала на Општина Кисела Вода се одржa средба на службите на Градот Скопје и на јавните претпријатија на Градот Скопје со урбаните и месните заедници од општината Кисела Вода. На денешната средба присуствуваа градоначалниците на градот Скопје и Општина Кисела Вода, Коце Трајановски и Билјана Беличанец-Алексиќ, директорите на јавните претпријатија на Градот Скопје и надлежните на пунктовите во Општина Кисела Вода, раководителите на секторите на администрацијата на Градот Скопје и Општина Кисела Вода, како и претставници од сите урбани и месни заедници од Општина Кисела Вода.

 

Целта на оваа посета беше градската администрација подетално да се запознае со состојбите на терен и проблемите со коишто се соочуваат граѓаните на општината Кисела Вода, а се во ингеренции на Градот.

Градоначалникот Трајановски искажа задоволство од резултатите од овие средби, бидејчи како што напомена, конструктивните критики на претставниците на урбаните и месните заедници придонесуваат за подобрување на работата на јавните претпријатија и на двете администрации.

-“Како најголеми проекти кои Градот Скопје треба да ги реализира во наредниот период на територијата на Општина Кисела Вода, се продолжување со активностите за проширувањето на улица „Борис Трајковски” од Стакларница кон Драчево, како и пробивање на булевар „Србија” до улицата „Христо Татарчев“, кажа градоначалникот Трајановски. 

Градоначалникот на Кисела Вода, Беличанец-Алексиќ изрази задоволство од досегашната соработка со Градот Скопје и посака истата да продолжи и во иднина. Според неа овој вид на работење, преку вклучувањето на урбаните и месните заедници во работата на локалната самоуправа резултирало со решавање на голем број проблеми со кои се соочуваат граѓаните во нивното секојдневие.

-“По првата средба имавме позитивни резултати. На работите кои беа укажани, на терен излегоа претставници на Општина Кисела Вода и на јавните претпријатија и ги корегираа сите забелешки” – рече Беличанец – Алексиќ, потенцирајќи ја одличната досегашна соработка со администрацијата на Градот Скопје и со јавните градски претпријатија.

Оваа посета на градоначалникот Трајановски и градската администрација, беше фокусирана на добивање на предлози и проекти што се во надлежност на градот, а што се наоѓаат на територијата на општината, при составувањето на буџетот на градот за 2014 година.

Споделете:

Scroll to Top