Културното лето во Кисела Вода продолжува и оваа недела. Културниот бран од месноста “Три круши”, се пресели во урбаниот дел на општината Кисела Вода. Имено, вчеравечер целовечерен концерт во паркот “Фредерик Шопен” одржа триото “ОЛЕ”, со изведба на класични нумери, странски преработки и македонски евергрини.
Посетителите во овој парк уживаа во одличниот перформанс на двете виолини и виолончело, кои практично ја започнаа музичката кариера како улични музичари преку проект на Градот Скопје. Денеска, триото “ОЛЕ” е реномиран македонски музички состав, кој редовно гостува во западноевропските земји. Класиците на Шопен, Штраус и Бах, еверегрините на Френк Синатра и македонските традиционални песни беа дел од широкиот репертоар на ова гудачко трио.
Забавата продолжува викендов на верско-рекреативниот центар “Три круши”. Во петок, со почеток во 21:00 часот, настап ќе имаат студенти од Музичката Академија и ученици од Средното музичко училиште – отсек Фолклор. Веќе в недела, во истото време на “Три круши” ќе настапи НУ Театар Комедија со претставата “Ах љубов моја – турска приказна”, во режија на Коле Ангеловски.
Влезот за граѓаните е бесплатен!!!