Општина Кисела Вода изминатиов викенд го започна новогодишното украсување на нејзината територија. Годинава, украсувањето и декорирањето на повеќе локации низ општината го врши фирмата “Линк Медија Плус” од Скопје, кое треба да заврши најдоцна до 15-ти овој месец.
Веќе започна украсувањето на влезот на општината, односно булеварот “Борис Трајковски”, од стара рампа до крстосницата со улицата “Народни Херои”, паркот спроти општинските бараки каде е поставена и 10-метарска новогодишна елка, а украсени се и влезовите на населбите Драчево и Пинтија.
Деновиве треба да заврши и украсувањето на скверот околу црквата “Св. Петка”, почетокот на ул. “Огњан Прица”, се до спојот со ул. “Димо Хаџи Димов”, како и скверот околу “Шампионче”, а ќе се украсат и парковите “Шопен”, “Пушкин”, “Македонија” и паркот на бранителите во населбата Драчево.
Општината за оваа намена, односно за новогодишно украсување на нејзината територија обезбеди средства во износ од 2.124.000 денари.