Search
Close this search box.

Се пушти во употреба Паркот на бранителите во Драчево

Паркот на бранителите со меморијална фонтана изграден во чест на загинатите од конфликтот во 2001 година кој се наоѓа во Драчево, од вчера е отворен за граѓаните.

Со достоинствено чествување во организација на Општина Кисела Вода, вчеравечер се оддаде почит на шесте бранители од општината, кои загинаа во конфликтот од 2001 година. Паркот го пуштија во употреба градоначалникот на Општина Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ, Јохан Тарчуловски и поранешниот градоначалник на општината, Марјан Ѓорчев во чиј мандат започна изградбата.

Јохан Тарчуловски ги потсети присутните дека делото на бранителите никогаш не смее да се заборави и ќе остане како траен завет за идните генерации.

Свое обраќање имаше и градоначалникот на Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ, која порача дека во моментите на длабока тага се сеќаваме на нашите херои.

“-Благодарноста кон нивното дело секогаш ќе биде премала во споредба со нивната саможртва втемелена во идината на својата татковина” – потенцираше Беличанец – Алексиќ.

На настанот, градоначалникот Беличанец – Алексиќ на претставниците на семејствата на шесте загинати бранители Бобан Трпков, Игор Костески, Љубомир Акимовски, Александар Стојчев, Теодор Стојановски и Драганчо Илиевски им додели спомен – плакети, по што следеше концерт на Андријана Јаневска и Митан Проект.

Изградбата на Паркот на бранителите започна на почетокот на 2013 година, а со комплетирањето на импозантната меморијална фонтана и околното хортикултурно и партерно уредување деновиве, паркот во населбата Драчево доби сосема ново руво. Паркот се протега на површина од 1225 квадратни метри, а во централниот дел е изградена шестоаголна армирано-бетонска фонтана со дијаметар од 8 метри. На секоја од шесте страни поставена е спомен-плоча со името на секој загинат бранител. Во централниот дел на фонтаната на двометарски постамент е поставена скулптура излиена во бронза со висина од 3 метри. Скулптурата е  фигура на војник-бранител кој ја симболизира храброста и решителноста за одбрана на својата татковина и е дело на академскиот скулптор Димитар Филиповски.

Во прилог е интегралниот текст од говорот на градоначалникот Билјана Беличанец – Алексиќ:

Почитувани семејства, мајки, татковци, сопруги, браќа, сестри и чеда на загинатите бранители,

Почитуван потпретседател на Собранието на РМ,

Почитувани пратеници во Собранието на РМ,

Почитувани претставници на Владата на РМ,

Почитуван претседател и членови на Советот на Општина Кисела Вода,

Почитувани претставници на здруженијата на бранителите,

Дами и господа,

Наши сограѓани,

Ова се моменти кога со длабока тага се сеќаваме на нашите херои. Нашата благодарност кон нивното дело секогаш ќе биде премала во споредба со  нивната саможртва втемелена во иднината на својата татковина – Република Македонија. Знам дека  никогаш целосно не можеме да им се оддолжиме на луѓето кои ги дадоа своите животи за Македонија. Но, можеме и мораме да им оддадеме почит и засекогаш да се сеќаваме.

Нашето присуство на ова место пред Меморијалната фонтана на  бранителите  денес, е најголема потврда дека имињата на нашите:

Бобан Трпков (1968 – 11.11.2001 – Требош)

Игор Костески (1975 -28.04.2001 – Вејце)

Љубомир Акимовски (1961 -17.09.2001)

Александар Стојчев (1971 -23.06.2001 – Арачиново)

Теодор Стојановски (1977- 04.03.2001 – Танушевци)

Драганчо Илиевски (1965 -17.03.2001 –Попова Шапка) …

сите жители на Општина Кисела Вода, како и 75-те бранители,  жртви на татковинската војна во 2001 година, не се и никогаш нема да бидат заборавени.

Македонија памети, Општина Кисела Вода памети, ние паметиме и ќе направиме сѐ што е потребно,  генерациите што доаѓаат по нас со достојна почит да се сеќаваат на  храброста на припадниците на безбедоносните сили на Република Македонија кои ги положија животите во одбрана на својата татковина.

Сеќавањето на деновите од 2001 година е сеќавање на времето на хероите, сеќавање на  деновите на македонскиот непокор, гордост и слава .

Тоа наше сеќавање пред сѐ, е израз на искрен и чист, беспоштеден и благороден патриотизам, искажан од страна на македонските бранители  тогаш кога беше најтешко, тогаш кога темните  сенки на безумието  се обидоа да го  засенат сонцето над татковината .  

Меморијалната Фонтана на бранителите ќе биде уште едно потсетување на најголемите вредности на овој народ кои, ќе им ги пренесеме на младите поколенија како траен завет за тоа како се сака и брани Татковината, бидејќи само луѓето; народите кои паметат, почитуваат и го вреднуваат минатото, можат да живеат во достојна сегашност и иднина.

Македонскиот народ никогаш нема да  ги заборави  подвизите на своите синови кои чесно, херојски и македонски по цена на своите животи и подарија мир и иднина на својата татковина.  Токму македонските бранители со својата саможртва  на светот му покажаа и докажаа дека и малите народи имаат херои за големи дела.

И во духот на чесноста, чуствувам должност да истакнам дека Меморијалната фонтана е проект на претходниот градоначалник, почитуваниот г-дин Марјан Ѓорчев, кој остана како аманет јас само да го заокружам.

Ете, нека овој вечерашен чин биде симбол на една нова, една поинаква страница која ќе не потсетува на минатото, но и ќе не насочува кон иднината  на која сме и целосно посветени. Да ја градиме Македонија како европска држава, со европски вредности, критериуми и стандарди.

Ви Благодарам.

Споделете:

Scroll to Top