Search
Close this search box.

Граѓаните задоволни од бесплатните обуки по англиски јазик и информатика

Градоначалниците на општините Кисела Вода и Аеродром, Билјана Беличанец – Алексиќ и Ивица Конески денеска го посетија основното училиште “Кузман Јосифовски – Питу”, каде присуствуваа на час по англиски јазик во рамките на бесплатните обуки по англиски јазик и информатика, кои ги организира општината Кисела Вода.

-“Бесплатните обуки во Кисела Вода започнаа на 1-ви Октомври и претставуваат можност за сите граѓани без оглед на нивната возраст, да се стекнат со основни познавања од англискиот јазик и работата со компјутери” – информираше градоначалникот Беличанец – Алексиќ, потенцирајќи дека општината Кисела Вода за првпат организира вакви бесплатни обуки.

Таа информираше дека интересот кај граѓаните е огромен, а во петте основни училишта во општината каде се одржуваат обуките, предавањата ги следат вкупно 570 слушатели.

-“Сакам да се заблагодарам на директорите на училиштата и наставниот кадар кој ја изведува наставата за нивната вклученост и максималното ангажирање во овој проект. Истовремено, ги охрабрувам и ги повикувам граѓаните кои имаат желба за надоградување на нивното знаење да се пријават веќе на следниот циклус бесплатни обуки, кои општината Кисела Вода планира да ги реализира” – заврши Беличанец – Алексиќ.

Интересот за бесплатните обуки е голем и во општината Аеродром.

“-Општина Аеродром трета година по ред организира вакви обуки и интересот кај граѓаните од година во година се зголемува. Годинава во Аеродром пријавени се околу 1.400 слушатели за овие бесплатни обуки” – информираше градоначалникот Конески.

На часот по англиски јазик можеа да се забележат граѓани од сите возрасти, кои не го криеа задоволството од овој проект.

-“Обуките ги посетуваат граѓани од сите возрасти. Најстариот слушател има 82 години и сака да научи да ги користи интернет – алатките за комуникација, како би можел да комуницира со внуците во Америка” – информираше наставникот по информатика од  основното училиште “Партенија Зографски”.

Бесплатните обуки се реализираат во општините Кисела Вода, Аеродром, Бутел, Гази Баба и Градот Скопје, а вкупно се пријавени околу 3.000 граѓани.

На крајот на обуката, која ќе трае до средината на декември, кандидатите ќе полагаат завршен испит, по што ќе добијат соодветни сертификати за стекнатите знаења.

Споделете:

Scroll to Top