Велес- лулка на поезијата. Во чест на поетот на обесправените, тутуноберачите, копачите, поетот на народната душа – великанот Коста Солев Рацин, на 1-ви и 2 -ри ноември во Велес се одржаа 46-те по ред Детски Рацинови средби. Се собраа млади поети и уметници од одбрани училишта од Македонија, кои претходно аплицираа на конкурсот објавен од градската библиотека „Гоце Делчев“ од Велес. Ученици од сите основни училишта од општината Кисела Вода зедоа учество на ликовно-вајарската и литературната работилница.
Младите поети беа сместени кај гостопримливите велешки семејства. Учествуваа во поетскиот караван, а го посетија и ОУ „Васил Главинов“. Литературната секција им приреди топол дочек, присуствуваа на средба со писателите Киро Донев и Македонка Јанчевска. Младите вајари пак, го оживеаја ликот и делото на Рацин. Менторите и гостите го следеа симпозиумот на тема: „Детето, книгата, читањето“ кој го водеше доц. д-р Христо Петрески. Се разменија мислења, искуства и предлози.
Незаборавна беше програмата подготвена од вредните професори од основните и средните училишта во Велес. Незаборавна беше и посетата на куќата на Рацин. Следуваше промоција на „Јавачот на божилак“ од Горјан Петревски, со нова тема која досега не е обработена во македонската литературата за деца, а се доделија и награди на најуспешните ученици.
Се создадоа нови пријателства. Пријателства што ќе траат навек. Сите, и учениците и менторите си заминаа побогати за едно искуство.