По успешно реализираната работилница за контрола на безбедноста и квалитетот на храната во воспитно-образовните институции во Кисела Вода, во организација на општината Кисела Вода, а со поддршка на Агенцијата за храна и ветеринарство, Центарот за јавно здравје – Скопје и Вита Диет клубот од Скопје, денеска во просториите на Општина Кисела Вода продолжија обуките за контрола на квалитетот на храната во градинките и училиштата.
Обуката ја одржа претседателот на Советот на општината, Трајче Донев, кој воедно е и државен советник во Агенцијата за храна и ветеринарство.
Донев се осврна на неопходноста од одржување на редовна хигиена на објектите и целокупниот процес на воспоставување на ефикасен систем за контрола на безбедноста и квалитетот на храната, а го нагласи и значењето на хигиената на производствените процеси и превенцијата во текот на подготовката на храната.
-“За сите објекти кои произведуваат храна, без разлика дали вршат производство, преработка или дистрибуција на храна, задолжително е воспоставување на систем за самоконтрола, без разлика дали има воспоставено ДПП/ДХП или НАССР, и истите задолжително треба да бидат верифицирани. Агенцијата за храна и ветеринарство врши службени контроли за примена на ДПП/ДХП и НАССР системот, кој задолжителено мора да го применуваат сите производители на храна, согласно Законот за безбедност на храната од 2010 година” – информираше Донев.
Но, покрај контролата, инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство вршат и едукација за операторите со храна полесно да ги достигнат бараните услови за безбедно производство на храна.
-“Токму тоа е и причината за денешната средба”- појасни Донев.
На обуката присуствуваа директорите на двете јавни детски градинки во општината, одговорните во градинките за прием на суровини и добавувачите на храна.